Сунак: Не постојат планови наскоро да се испратат воени инструктори во Украина

– Британскиот премиер Риши Сунак изјави денеска дека нема планови за испраќање воени инструктори во Украина во скоро време.

Неколку часа откако британскиот министер за одбрана Грант Шапс изјави за „Сандеј Телеграф“ дека сака да распореди воени инструктори во Украина, Сунак рече дека нема итни планови за испраќање британски инструктори во Украина.

„Она што го кажа министерот за одбрана е дека постои можност еден ден во иднина да спроведеме дел од таа обука во Украина“, рече Сунак, но нагласи дека тоа е долгорочно прашање, а не прашање на „ тука и сега.”

Велика Британија и нејзините сојузници досега избегнуваа официјално воено присуство во Украина за да го намалат ризикот од директен конфликт со Русија.

Шапс рече дека Министерството за одбрана има намера првпат да распореди свои сили во Украина, во согласност со плановите што ги разгледува воената команда, и изјави дека поканил неколку британски компании од секторот на воената индустрија да отворат фабрики во Украина, објави британски „Телеграф“.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Медведев предупреди дека британските воени инструктори во Украина ќе бидат легитимна цел на руската армија.