Сунак потврди: Велика Британија ја прогласи руската паравоена група „Вагнер“ за терористичка организација

– Британскиот премиер Риши Сунак денес потврди дека Велика Британија ја прогласува руската платеничка група „Вагнер“ за терористичка организација.

Сунак истакна дека Велика Британија денес ја забранува руската платеничка група „Вагнер“, што значи дека ќе биде нелегално да се биде нејзин припадник или поддржувач.

„Точно е тоа дека денес ја прогласуваме групата за она што е – терористичка организација“, објави тој на платформата X, порано позната како Твитер.

Обвинувајќи ја групата за „тортура, кражба и варварство“, Сунак изјави дека таквите акции „ги загрозуваат демократијата и слободата низ светот“.

Утринава Грант Шапс, новоименуваниот секретар за одбрана на Велика Британија, изјави дека е задоволен од ваквиот потег.

Британската министерка за внатрешни работи Суела Брејвмен изјави дека „Вагнер“ е „насилна и деструктивна“, пренесуваат локалните медиуми, меѓу кои и Би-би-си.

„Постојаните дестабилизирачки активности на ‘Вагнер’ продолжуваат да им служат само на политичките цели на Кремљ. Тие се терористи, јасно и едноставно – и оваа наредба за забрана јасно го покажува тоа во законот на Велика Британија“, додаде таа.

Името на групата отсега е на листата на забранети терористички групи и организации во земјата.

„Фајненшл тајмс“ на 22 август, цитирајќи владини извори, објави дека Обединетото Кралство ќе ја прогласи групата „Вагнер“ како терористичка организација „во рок од неколку недели“ како дел од новата акција против руската мрежа воени платеници.

Групацијата „Вагнер“ е основана во 2014 година од Евгениј Пригожин, кој загина во авионска несреќа на 23 август. Во јуни оваа година групата започна краткотраен бунт против руската Влада, тргнувајќи кон Москва, по што ги запре своите трупи.