Сунак ја разреши министерката на британското МВР, која пропалестинските протести ги нарече „маршеви на омраза“

 – Британскиот премиер Риши Сунак ја разреши министерката за внатрешни работи Суела Браверман поради реконструкција на Кабинетот, објави денес Би-би-си.

Ова следуваше по критиките за нејзините контроверзни коментари за пропалестинските протести и нејзината статија во весникот „Тајмс“, која беше широко критикувана.

Браверман предизвика гнев во јавноста откако пропалестинските протести во Велика Британија ги нарече „маршеви на омраза“.

Подоцна таа напиша статија за „Тајмс“, тврдејќи: „Не верувам дека овие маршеви се само крик за помош за Газа.“

„Тие го прикажуваат приматот на одредени групи, особено на исламистите, а ние сме навикнати да гледаме нешто слично во Северна Ирска“, напиша таа.

Даунинг стрит подоцна потврди дека Браверман не ги извршила бараните промени во нејзината статија.

Таа е обвинета за охрабрување на екстремно десничарските групи што се судрија со полицијата во саботата за време на церемонијата на одбележувањето на Денот на примирјето.

Наводно, Сунак бил под зголемен притисок да ја смени Браверман. Пол Скали, министер за Лондон, рече дека коментарите на министерката за внатрешни работи поттикнуваат „омраза и поделеност“.

Браверман во неделата рече дека пропалестинските протести во земјата „не може да продолжат“, тврдејќи дека улиците на Лондон се „загадени со омраза, насилство и антисемитизам“.

Десетици илјади луѓе се собраа во неделата во Лондон во знак на поддршка на палестинскиот народ во Појасот Газа, кој е под израелски напади од 7 октомври.

Тоа беше петти масовен протест на граѓаните на британската престолнина и покрај тоа што премиерот Риши Сунак и министерката за внатрешни работи Суела Браверман го критикуваа маршот.

Демонстрантите, кои учествуваа на протестот за солидарност со Палестина на покана на многу невладини организации во Велика Британија, го повикаа Израел да ги запре нападите врз Газа, да ја укине блокадата, да прогласи итен прекин на огнот и да дозволи целосен влез на хуманитарната помош во палестинската енклава.

Граѓаните, кои реагираа и на изјавите на министерката Браверман за „маршот на омраза“, носеа транспаренти со барање за нејзино разрешување.