Кондомот ги замени апчињата за контрацепција како најпопуларна контрацепција во Германија, соопшти Државниот институт за здравствена едукација во Келн.
Според последното истражување, 53 отсто од анкетираните користат кондом за време на сексуалниот однос, а 38 отсто користат апчиња за контрацепција.
Според истото истражување, другите форми на заштита при сексуален однос, како што се спиралата, стерилизацијата или календарската метода, играат многу мала или речиси никаква улога.
Истражувањето спроведено во септември оваа година покажува значителен пад на популарноста на хормоналните форми на контрацепција како што е апчето. Во исто време, 61 процент од испитаните жени и мажи изјавиле дека хормоналните форми на контрацепција „негативно влијаат на менталното и физичкото здравје“.
Вкупно 70 отсто од анкетираните користат контрацептивни средства за време на сексуалниот однос. Други ја наведуваат желбата за ново дете или медицинската неспособност за зачнување како причина за некористење.
За жените, главен извор на информации за контрацепција е гинекологот (73 проценти), а за мажите интернетот (49 проценти).
Меѓу анкетираните, најважен аспект при изборот на контрацепција е доверливоста, со 39 отсто, а потоа следи аспектот на леснотијата на користење со 30 отсто.