Тажни сцени од брегот на Дунав: Мајки на две момчиња од Апатин неутешно ги довикуваат своите деца (ФОТО)
Во тек е интензивна потрага по девет и десетгодишните момчиња од Апатин кои исчезнаа вчера кога излегле од дома да се возат со велосипеди. Последен пат биле видени во близина на Кајак клубот околу 14 часот и оттогаш се водат како исчезнати.
Покрај брегот на Дунав каде што исчезнаа момчињата има полиција, итната помош, нуркачи, семејство, роднини и многу граѓани.
Неутешените мајки довикуваат по своите деца. Реагирала и Брзата помош, бидејќи мајката на едно од момчињата одеднаш се онесвестила.
– Надежта последна умира. Се надеваме, веруваме дека се живи – вели роднината која будно ја следи потрагата по исчезнатите момчиња и покажува дека длабочината во овој дел е повеќе од 25 метри.
Лоша видливост, нуркачите ќе користат сонар
Како што е познато, локалните нуркачи претходно изјавија дека во овој дел има вирови и дека длабочината оди и до 30 метри во близина.
Според информациите, нуркачи ги пребарале бреговите на реката, блиску местото каде што биле пронајдени велосипедите и облеката.
– Длабочината на реката во близина на брегот е околу 5 метри, а потоа длабочината паѓа на 30 метри. Струјата е силна, нивото на водата високо, видливоста е „0“, може да се пребарува со допир на раката – вели изворот.
Во втората фаза од пребарувањето на реката и потрагата по децата нуркачите ќе користат сонар.
Покрај српската полиција, по момчињата денеска трагаа и припадници на хрватската полиција, кои од нивна страна ја пребараа реката.
На брегот се пронајдени работи на исчезнатите деца – велосипеди и чевли, што предизвика дополнителна загриженост.
Да потсетиме, вчера во попладневните часови во близина на брегот на Дунав во Апатин исчезнаа две малолетни момчиња. Девет и десетгодишните момчиња последен пат биле видени во близина на Кајакарскиот клуб околу 14 часот и оттогаш се водат како исчезнати. Потрагата по нив е во тек, во која се вклучени и нуркачки екипи, а поради повисокиот водостој на реката и слабата видливост потрагата е отежната.