Од собраниската прес-служба попладнево соопштија дека претседателот на Собранието го примил известувањето од тројцата пратеници кои најавија дека ќе дејствуваат како независна пратеничка група.
„Претседателот Талат Џафери, веднаш по добивање на известувањето, писмено ги извести дека: Согласно член 33 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Пратеничката група ја сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии. Следствено на горенаведената одредба, немате можност да формирате пратеничка група, ниту да определите координатор и заменици координатори“, се вели во соопштението.
Талат Џафери, како што се посочува, ги известил тројцата пратеници дека секој индивидуално може да достави до него писмено известување дека ќе делува како независен пратеник.
Претходно, доскорешните пратеници на ДУИ, Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику и пратеникот Кастриот Реџепи, кои најавија формирање на ново политичко движење, преку видео на социјалните мрежи сооппштија дека од денеска ќе дејствуваат како независни пратеници.
„Денеска, официјално писмено го информиравме и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија дека ќе делуваме како независни пратеници. Ве повикуваме сите без исклучок, да станете дел од новото движење што доаѓа за да станете дел од големата промена, дел од новиот почеток“, напиша Изет Меџити на својот Фејсбук профил, каде има објавено и видео од Коџаџику.
Во видеото, Мерита Колчи Коџаџику информира дека координатор на оваа група ќе биде Кастриот Реџепи, а таа негов заменик.