Осум мртви делфини се пронајдени во близина на Новоросијск на брегот на Црното Море по излевање на мазут во Керченскиот теснец, соопшти денеска рускиот научен центар за спасување на делфини „Делфа“.
„Во Новоросијск се откриени тела на осум азовски делфини, од кои шест на брегот, а двајца во вода без надворешни траги од мазут. Причините за нивната смрт може да бидат акутна интоксикација, акутна инфекција, внатрешни повреди“, се вели во соопштението, а пренесува Интерфакс.
Од моментот на излевање на мазутот на 15 декември и по превртувањето на две цистерни, пронајдени се 10 мртви делфини, чија смрт можеби е поврзана со излевањето на мазут.
„Ако најмалку два делфина се насукаат на едно место и во исто време на крајбрежната територија, тоа се смета за масовна појава. Во Краснодарската територија вакви случаи се исклучително ретки“, се наведува во соопштението.
Волонтерите го пронајдоа првиот мртов делфин на 18 декември.
Танкерите „Волгоњефт 212“ и „Волгоњефт 239“ на 15 декември поради невреме доживеаја бродолом во Црното Море (теснецот Керч).
Еден од танкерите се насука и неговиот 13-член екипаж беше евакуиран, а еден член на екипажот загина.
Цистерните превезувале околу 9.200 тони мазут.
Федералната агенција за поморски и воден транспорт соопшти дека како последица на несреќата нафта се излеала во Црното Море.