Таравари: Ако не го победиме ВЛЕН со двојно повеќе гласови, нема потреба од предвремени парламентарни избори
Шефот на едното крило на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, вели дека очекувањата за локалните избори се коалицијата на Европскиот фронт да победи со разлика поголема од 2:1 над ВЛЕН.
„На последните избори, кога бевме дел од коалицијата ВЛЕН, добивме 107 илјади гласови, додека ДУИ, или поточно Европскиот фронт, доби 137 илјади. Во сите анкети, АА беше половина од ВЛЕН, и ова е неоспорен факт“, рече Таравари, додавајќи дека сега се очекува разликата значително да се продлабочи.
Според него, доколку конечниот резултат не го надмине соодносот 2:1 во корист на коалицијата составена од Европскиот фронт и неговата партија, тогаш нема причина да се поставува прашањето за предвремени парламентарни избори.
„Ако е помалку од 2:1, тоа не е резултат. Веќе не гледам никаква причина да се оди на предвремени парламентарни избори“, рече тој во емисија на Канал 5 ТВ.
Таравари изрази увереност дека резултатот ќе биде убедлив во корист на коалицијата што ја претставува.