Алијанса на Албанците на Таравари ја одби поканата на албанското опозициско трио Меџити, Касами и Гаши за соработка на идните избори во знак на обединување против Ахмети.
Како што брифираа министрите од оваа партија – Лога, Меџити и Алиу на ниво на претседателство, се одлучило Алијанса самостојно да настапува на парламентарните избори.
„Беспредметно е да се разговара за ваквата понуда кога нема конкретен датум за избори. До тогаш агендата на помалите партии не’ не интересира, на избори одиме самостојно. Не може да се надеваат на туѓите политики во предизборната кампања“, коментираа тие на брифингот.
Од друга страна, тие се уште не донеле одлука и за тоа дали е подобро да се оди на заеднички претседателски и парламентрни избори или пак, на одвоени. Па, зависно од тоа ќе одлучат дали ќе имаат свој, или заеднички кандидат со владините партнери за шеф на државата.
Претходно, поканата до Алијанса за окрупнување на албанските гласови против ДУИ ја повторија и лидерите на Демократско движење, БЕСА и Алтернатива.
Албанската опозиција веќе најави дека ќе има свој кандидат за претседателските избори.