Таравари: Лекувањето на повредените во Кочани е бесплатно, нема потреба никој да собира пари

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција рече дека лекувањето на пациентите од пожарот во Кочан во другите земји главно е бесплатно.

Одговарајќи на новинарски прашања за шпекулациите дека се собираат пари за лекување, тој одговори дека нема потреба да се шират лаги.

„Генерално 99 проценти од лекувањето е бесплатно и нема потреба никој да собира пари. Значи, нема потреба од шпекулации и невистини. Ова е вистината што беше објавена пред три-четири дена, не е сега. Можеби во некои земји, но генерално 99 проценти од лекувањето во сите земји е бесплатно“, рече Таравари.

Тој додаде дека Владата обезбедила средства за патување и сместување на двајца родители или членови на семејствата на пациентите во сите земји.

Министерот информираше дека по редовниот состанок на кризниот штаб во Министерството за здравство, бројот на пациенти кои моментално се лекуваат е 162 и денеска од болницата ќе бидат пуштени 10 од пациентите кои се хоспитализирани.

Во трагедијата што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 лица, а над 150 беа повредени.