Таравари: Промената започна и ќе заврши на 8 мај

На вечерашниот собир под мотото „Промената започна“ на политичката партија Алијанса за албанците во Гостивар, лидерот Арбен Таравари на поддржувачите и сопартијците им порача дека промената во албанскиот политички блок ќе дојде на 8 мај.

– Промената по 24 години во албанскиот политички блок мора да дојде и тоа никој не може да го запре. Ова ураган. Никој друг тоа подобро не може да го направи како што ќе го направи Алијанса за албанците, бидејќи најголем дел од постоењето сме биле во опозиција, рече Таравари.

Околу подготовките за претстојните избори тој посочи дека заедно со другите лидерите на другите опозициски албански партии ќе се сретне и ќе разговараат за предизборната платформа.

Главната порака од вечерашната средба е дека промените во албанскиот блок мора да дојдат по 24 години. Промената ќе се случи и никој не може да ја запре таа промена, порача вечерва од Гостива

– Сè уште немаме платформа. Прво сакав да го слушнам и народот во неколку градови. Затоа бевме и во Куманово. Кај луѓето има позитивна енергија. Следната недела може ќе се сретнам со претседателите од албанските опозициски партии, да седнеме да разговараме и да одлучиме кога би направиле официјална коалиција со некоја платформа, кажа Таравари.

На прашањето дали ќе формира партија, тој рече: Ако некој смета дека Алијанса за Албанците е нечија сопственост и дека ја донел од дома, ќе му ја однесеме и ќе му ја вратиме. Партијата е на гласачите, на членството, на луѓето што ја поддржуваат, кажа Таравари.

Тој пред започнувањето на собирот, во Фејсбук статус наведе дека Судот ќе одлучи кој ќе ја води Алијанса на Албанците.

– Нашата кауза е промена. Неуспешни се обидите на ДУИ и сценаристот Груби да не дефокусираат за тоа чија е партијата и кому му припаѓа. Од денес, повеќе нема да се занимаваме со оваа работа. Секој кој има поплаки нека се обрати до судот. Промената започна. 8 мај е секој ден се поблиску, напиша Таравари во Фејсбук статус.

Тој смета дека ја има поддршката во партијата. Според него, на собранието во Скопје тој ја добил довербата со како што рече 60 спрема 30, но како што потенцира поважна му е довербата на народот која била 90:10.

Покрај Таравари од говорницата во големата сала во центарот за култура „АСНОМ“ се обратија поранешниот пратеник од струшкиот регион Сурија Рашиди, разрешените министри Азир Алиу, Фатмир Меџити, актуелниот пратеник Халил Снопче и Бујаре Абази.

Претходно, на централното собрание на партијата, што се одржа во Скопје, е донесена иницијатива за разрешување на Арбен Таравари од претседател на Алијанса за Албанците, информира Зијадин Села, кој според статут е претседател на партиското собрание на АА.