Тасева: Сè уште се наоѓаме многу ниско на Индексот на перцепција на корупцијата, а веќе 20 години зборуваме за системска борба против корупцијата
Република Северна Македонија годинава со 40 индексни поени е рангирана на 85 место од можни 180 на Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2022 година на Транспаренси Интернешнл.
Според претседателката на Транспаренси Интернешнл – Македонија Слаѓана Тасева, резултатот е загрижувачки и незначително подобрен, бидејќи сè уште се наоѓаме многу ниско и не можеме да ја поминеме границата од 60-то место, на кое што се наоѓавме во 2000-та година, а веќе 20 години зборуваме за системска борба против корупцијата.
– Состојбата со корупцијата не е подобрена и не можеме да заклучиме дека со еден поен или две позиции подобро рангирање од минатата година сме постигале некаков значителен резултат или исчекор во борбата против корупцијата, изјави Тасева.
Оценката на нашата земја годинава е резултат на седум истражувања. Тасева, посочи дека кај најголем дел од нив нема промена во резултатот.
– Намалување постои кај проектот за Светска демократија, каде имаме намалување за три индексни поени и проектот за Светска правда каде бележиме намалување за еден индексен поен. Тоа е сосема во склад со тоа дека резултатите се назадуваат поради недоволна демократија и недоволно владеење на правото, појасни Тасева.
Подобра оценка имаме од Глобал инсајдс, организација која ги рангира државите според можностите за водење на бизнис.
– Прашањата тука се одговарани од луѓе од бизнисот и тие најчесто се однесуваат на тоа дали водењето на бизнис е попречено со барањата за плаќања поткуп. По овој индекс сме добиле подобра оценка од минатата година 35 поени, сега имаме 47 поени. Вкупниот просечен резултат годинава е променет за еден индексен поен, изјави Тасева.
Оценката, според Тасева многу не се разликува во однос на претходните години и покажува недостаток на интегритет и почитување на законите како и пад на демократските процеси.
– Нашата држава во 2022 година ја одбележаа големи корупциски скандали. Судството и владеењето на правото беа засенети со нови скандалозни обележја меѓу кои и сознанието дека кандидати положиле правосуден испит без притоа да ги исполнат сите законски предвидени услови за полагање на истиот и да ги исполнат сите критериуми. Уште полошо е што овие случаи останаа без разрешница. Разрешувањето на претходниот и изборот на новиот шеф на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и оставката на Претседателката на Судскиот Совет, оставија сомнеж врз доследната примена на новодонесените закони од страна на две институции чија цел е да се грижат за интегритетот на правосудните органи, што дополнително ја намалија довербата на граѓаните во судството на само 4 проценти, изјави Тасева.
Меѓу настаните кои сериозно укажуваат на недоволно почитување на законите или нивна примена според потребата на поединци, Тасева, исто така, ги посочи и активното овозможување да застарат судски предмети, недостатокот на ефикасност во разрешување на случаите кои произлегоа од прислушуваните разговори, недоволната примена на мерките конфискација и овозможување и натаму непречено да се располага со нелегално стекнат имот, игнорирањето на одлуките на ДКСК, овозможувањето на извршување на затворската казна преку промена на живеалиште во друга казнено-поправна установа, како и скандалот на нелегалното издавање на пасоши на лица поврзани со организирани криминални групи.
– Сите овие случаи се само врв од ледениот брег на корупцијата и организираниот криминал, кои и натаму ја држат државата на нивото на недоволна демократија, хибридна и заробена држава. Оценките дека состојбата на недоволно справување со корупцијата или непостоење на волја за справување со корупцијата доведува до тоа да назадува демократијата и владеењето на правото повеќе од тоа што било, нагласи Тасева.
Како генерална оценка за ваквото рангирање на државата, Тасева ги посочи тоа дека имавме многу примери дека не функционираат воопшто механизмите кои треба да обезбедат владеење на правото и да воспостават брана во борбата против корупцијата.
– И понатаму имаме недоволново владеење на правото, кое се применува онака како на некого му одговара. И понатаму имаме недоволно спроведување на постапките кои опфаќаат случаи на корупција и од страна на јавното обвинителството и на судовите, а имаме и продолжено непочитување на одлуките на ДКСК. Единствениот документ за борба против корупцијата кај нас е Националната стратегија за борба против корупцијата која е имплементирана само со 30 проценти. Недоволни се општо напорите во борбата против корупцијата, но недостасува и желба да се расчистат случаите кои укажуваат на постоење корупција во институциите, изјави Тасева,.
Во барањето одговорност за ваквата оценка, според Тасева, генерално не можеме никого да изземеме од одговорност.
– Владата носи голема одговорност, во однос на тоа како ги спроведува политиките, но има и повеќе механизми за да истражува и воспостави одредени системи на интегритет без да се меша во работењето на судиите или јавните обвинителства. Но секое сомневање за можно влијаени и корумпирање при носење одредени одлуки е нешто што може да се проверува преку институции на извршната власт. Не постои еден единствен одговор за еден единствен фактор или виновник, туку целиот систем мора да го коригираме и сите тука мора да имаат одлука, изјави Тасева.
Индексот на перцепција на корупцијата ги бодува и рангира земјите/териториите врз основа на проценетата корупција во јавниот сектор на државата, од страна на експерти и бизнисмени. ИПК претставува композитен индекс, комбинација на анализи и проценки на корупција, собрани од повеќе реномирани институции. ИПК од 2022 се базира на 13 извори на податоци од 12 институции.
Во глобални рамки борбата против корупцијата стагнира и средната оценка за сите 180 држави е 43 индексни поени. Имаме две третини од државите кои се рангираат со резултат под 50 поени.
Највисок просечен резултат, како и претходни години имаат државите од регионот на Западна Европа и ЕУ, каде се движат од Данска со 90 индексни поени, до Унгарија со 42 индексни поени.
Нашиот регион на Источна Европа и Централна Азија, е втор најслаб со просек од 35 индексни поени. Највисока Грузија со 56, а најниска Туркменистан со 19.
Најдобро рангирана во нашето поблиско опкружување е Словенија, која и годинава е на 41 место, подобрување има Хрватска – 55 место, во споредба со 63 место во 2021 година, назадување има кај Црна Гора која сега е на 65 место, а била на 64. Подобар резултат има и Бугарија од 78 на 72 место и Косово од 87 на 84 место, а било на 87 место и Албанија која од 110 сега е на 101 место.
Во извештајот на ТИ се посочува дека регионот на Западен Балкан е познат по својата ниска отпорност на организираниот криминал, како и дека земјите бавно се справуваат со овој ризик, а на одговорните институции сè уште им недостасуваат соодветни ресурси и независност.
ТИ во оценката за Северна Македонија посочува дека надлежни органи отвораат нови случаи на корупција, но овие чекори во вистинската насока се загрозени поради неефикасното следење на тековните и недостатокот на интегритет при изборот на клучните фигури во судството. За да обезбеди одговорност и да покаже вистинска волја за борба против корупцијата, владата мора соодветно да обезбеди ресурси и да дозволи независност на Комисијата за спречување на корупцијата (ДКСК) и на институциите одговорни за истрага на корупцијата и организираниот криминал.
Данска и годинава е на прво место со 90 индексни поени, потоа се Нов Зеланд и Финска со 87 поени. Заклучокот е дека државите кои имаат подобро развиена демократија и економија имаат подобри резултати. Овие држави се традиционално на највисоко ниво, додека најниско се рангирани државите каде има судири како што се Сомалија, Сирија и Јемен со меѓу 12 до 16 индексни поени.