Таткото на убиената Вања Ѓорчевска е на распит во полициска станица во врска со убиството на неговата ќерка чие тело беше пронајдено вечерва во Скопје, дознава „Слободен печат“. По Вања се трагаше од понеделникот, кога мајката на пријави дека исчезнала во Дебар Маало одејќи кон училиштето, а полицијата и ЈО вечерва открија дека Вања е убиена околу 10 часот, неполни три часа по исчезнувањето.
За убиството на Вања за тројца е побаран притвор, а еден е во бегство.
Во недостиг од повеќе детаљи и официјална прес-конференција на МВР и на Јавното обвинителство, јавноста наголемо шпекулира за убиството на детето кое ги потресе сите во Македонија и во регионот. Наводно, според пишувањата на дел од медиумите, избеганиот осомничен е Љупчо Палевски, лидер на партијата Трета, кој е иницијатор на случајот, а целта била да се изнудат пари од семејството на девојчето. Палевски наводно е избеган во Турција. Во дел од медиумите се објавени и имињата на други двајца осомничени, еден од Штип, а друг од Велес.
Во јавноста се коментира и времето кога е најдено телото на девојчето, убиено пред шест дена, истовремено со телото на велешанецот Панче Жежовски, кој, пак, е исчезнат од 24 ноември, а за кој полицијата не соопшти кога е убиен. За исчезнувањето на Жежовски официјално се знае само дека неговото возило е пронајдено запалено во Бразда, Скопско, во понеделникот попладнето после исчеснувањето на малолетната Вања.
Дел од медиумите објавија и дека Вања е убиена со огнено оружје.
Од Јавното обвинителство, после штурото соопштение, според кое убиствата на малолетната Вања и велешанецот Жежовски го извршила истата група од пет члена со мотив користољубие, најавија прес-конференција за утре во 10 часот.