Телефонски разговор Петровска –Дендиас: “Северна Македонија подготвена да ѝ помогне на Грција за пожарите“

Министерката за одбрана на Северна Македонија Славјанка Петровска во телефонски разговор со нејзиниот грчки колега Никос Дендиас ја изразила подготвеност на нашата земја да ѝ помогне на Грција во справувањето со пожарите, јави дописничката на МИА од Атина.

За телефонскиот разговор министрите вечерва информираа преку социјалните мрежи. 

Во телефонски разговор со мојот грчки колега Никос Дендиас, изразив подготвеност да помогнеме во справувањето со пожарите кои го имаат зафатено нашиот сосед и сојузник во Алијансата. Се согласивме дека како соседи, но пред сѐ како пријателски и сојузнички земји, многу е важно взаемно да си помагаме“, напиша на Фејсбук министерката Славјанка Петровска.  

Никос Дендиас, преку Твитер информираше дека имал телефонски разговор со Славјанка Петровска во кој го информирала „за подготвеноста да се пружи помош на земјата за справувањето со разорните пожари“.