ТЕМНИ ПРОГНОЗИ – Марин Ле Пен тврди: “Ако победи Русија, ќе биде катастрофа, ако победи Украина – ќе започне Третата светска војна!“

Претседателката на француското народно движење Марин Ле Пен предупреди дека ако победи Русија, тоа ќе биде катастрофа, но ако победи Украина, ќе започне Трета светска војна.

Во интервју за група медиуми, Ле Пен посочи дека кога нација како Русија напаѓа друга нација и го загрозува нејзиниот суверенитет, не постои можност за дистанцирање и мора да се заземе позиција, пишува германскиот весник Bild.

Таа вели и дека треба да се воведат санкции кон Русија, но не и во енергетскиот сектор и дека треба да се преговара за мир.

Ако Русија ја добие војната, тоа ќе биде катастрофално бидејќи сите земји со територијален конфликт ќе мислат дека можат да го решат тој проблем со оружје. Ако Украина победи, тоа ќе значи дека НАТО влегува во војна, бидејќи убедена сум дека Украина без помош на НАТО не може воено да ја победи Русија. А тоа значи дека Третата светска војна започнала. Ако продолжиме да испорачуваме оружје на Украина, како сега, ни претстои нова 100-годишна војна, која, со оглед на човечките загуби, е страшна“, вели таа.

Марин Ле Пен
Марин Ле Пен

Зборувајќи за изборите во Франција, Ле Пен кажа дека во Франција се случува токму она што го предвидела во предизборната кампања и дека добива се поголема доверба кај граѓаните на Франција.

За неколку години од најомразената партија во Франција станавме најсакана. Ние никогаш не сме биле екстремни десничари, бидејќи сме радикално против некои принципи карактеристични за овој тренд, како што се антипарламентаризмот, отфрлањето на плурализмот и употребата на насилство. Веруваме дека нацијата е политичкото срце на нашиот проект“, кажала таа.

Иако Ле Пен го поздрави фактот што францускиот претседател Емануел Макрон се огради од САД во однос на Кина, таа го критикува за европскиот суверенитет бидејќи, како што вели, за да постои суверенитет, потребен е народ, а не постои европски народ.

Сè уште сум евроскептик и секој ден што минува сум се поскептична. Не сум скептична кон Европа, туку кон политичката организација на Европа“, нагласила Ле Пен.

Кога станува збор за имиграцијата, таа порача дека, доколку дојде на власт, ќе воведе одредба во францускиот Устав со која на Французите ќе им се даде приоритет пред странците во пристапот до работни места, домување и социјални бенефиции.