Претставници на 175 држави учествуваат на средба седиштето на УНЕСКО, на која треба до идната година да се постигне напредок за ставање на крај на загадувањето со пластика.
Состанокот во Париз, кој ќе трае до 2. јуни, и е втор од петте сесии во процесот.
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека глобалното загадување со пластика е „темпирана бомба“ и ги повика земјите-учеснички да стават крај на денешниот „глобализиран и неодржлив“ модел на производство, каде побогатите земји извезуваат пластичен отпад во посиромашните.
„Загадувањето од пластика е темпирана бомба и во исто време денес е веќе зло“, наведе Макрон во видеопораката, додавајќи дека тоа претставува ризик за целите на глобалното затоплување, како и за биодиверзитетот и здравјето на луѓето.
Тој додаде дека првите приоритети на преговорите треба да бидат да се намали производството на пластика и да се забранат „што е можно поскоро“ најзагадувачките производи како пластиката за еднократна употреба.
За 20 години е повеќе од двојно зголемено годишното производство на пластика на 460 милиони тони и е на пат да се зголеми тројно во рок од четири децении. Две третини од пластичните производи се фрлаат по една или неколкукратна употреба, повеќе од една петтина се фрла или гори нелегално, а помалку од 10 проценти се рециклира.
Директорката на Програмата за животна средина на ОН, Ингер Андерсен посочи дека фрлена пластика „предизвикува многу загадување, ги задушува нашите екосистеми, ја загрева климата, го оштетува нашето здравје“ и дека најтешко се погодени најранливите земји.
Според податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Пластиката придонесува за глобалното затоплување: таа сочинуваше 1,8 милијарди тони стакленички гасови во 2019 година, 3,4 отсто од глобалните емисии, бројка што може да се удвои до 2060 година.