Тенисерот Иво Карловиќ заминува во пензија

 Хрватскиот тенисер Иво Карловиќ најави повлекување од професионалната кариера. Својот последен натпревар го одигра во октомври 2021 година во квалификациите за Мастерсот во Индијан Велс.

– Се надевам дека оваа порака ќе ве најде во добро расположение и со силен бекхенд! Некои од вас забележаа дека не сум играл турнир одамна и сè уште секојдневно ме прашуваат дали и кога ќе се вратам на турнеја. Жал ми е што ве разочарувам, но со ова писмо сакам официјално да го објавам моето повлекување од спортот, напиша Карловиќ на социјалните мрежи.

Четириесет и четиригодишниот Хрват истакна дека имал многу необична и долга кариера во тенисот.

– Имав многу пријатна, необична и долга кариера која започна многу скромно, особено за тенисер. Хрватска беше многу поинаква земја во 80-тите и 90-тите години кога јас растев и многу сум горд на моите достигнувања и на она што го надминав. Би сакал да им се заблагодарам на сите тренери и луѓе кои учествуваа во мојот развој како тенисер и придонесоа. Без вас овој успешен пат немаше да биде возможен, напиша Карловиќ.

Карловиќ е победник на осум АТП турнири во сингл, победник на Дејвис купот (2005) и Светскиот тимски куп (2006) како дел од хрватската репрезентација. Сопственик е на АТП рекордот за брзина на сервис – 251 км/ч.