Шпанија ги призна пасошите на Косово

Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, објави дека на листата на земји кои ги признаваат косовските пасоши е додадена и Шпанија.

Бислими преку социјалните мрежи порача дека сега и косовските граѓани можат да патуваат со пасош во Шпанија, без потреба од виза.

Според косовскиот вицепремиер, токму Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи на Европската унија (DG Home) објави дека Шпанија ги признава косовските пасоши.

„Безвизното движење започна на 1 јануари, Шпанија е дестинација додадена на земјите од Шенген зоната каде што можеме да патуваме преку либерализација, каде што претходно пречка беше непризнавањето на нашиот пасош“, напиша Бислими.

Шпанија е една од петте земји на Европската унија (ЕУ) која сè уште не ја признала независноста на Косово.

Спроведувањето на одлуката на Европскиот парламент за визна либерализација за Косовците започна на 1 јануари 2024 година.