Тепачка на седницата на албанското Собрание: Власта и опозицијата влегоа во жестока расправија, а потоа изби општа тепачка (ВИДЕО)

Пленарната седница на Собранието на Албанија во понеделникот почна со физичка пресметка меѓу власта и опозицијата, главно од редовите на Демократската партија, која ја блокираше работата на парламентот.

Опозицијата ја блокираше работата на парламентот од почетокот на седницата. Претседателката Љиндита Никола по 40 минути обид да воспостави ред во салата, збор им даде на пратениците од мнозинството.

Опозициските пратеници потоа повторно се обидоа да го спречат говорот на социјалистите со опструкција на говорницата.

Жестоката вербална расправија потоа доведе до физичка пресметка меѓу пратениците во клупите.

Потоа седницата беше прекината.

На последната седница голем број пратеници од опозицијата ја блокираа и собраниската говорница со што го спречија почетокот на пленарната седница.

Инцидентите не се ретки во албанскиот парламент. Така еден пратеник гаѓаше со чевел на актуелниот премиер Еди Рама на расправата за избор на главен обвинител.