– Тетовскиот алпинист и спасител, Надир Мурсели, кој сам тргна да помага во спасување во подрачјата погодени од земјотресот во Турција, од вчера е во Кахраманмараш, каде работи со екипи од други држави. Тој вчера и денеска им помага на екипа за спасување од урнатини на ентитетот Република Српска од Босна и Херцеговина како и спасители од Киргистан.
Мурсели сам тргна од Тетово со автобус до Истанбул каде негова внука и зет се ангажирале да продолжи кон градовите погодени од земјотресот. До Адана заминал со авион, а од таму со други тимови на спасувачи со автобус од Адана четири часа патувале до Кахраманмараш.
– Ситуацијата е лоша тука за жал, многу има многу загинати. Токму денес со екипата од Киргистан извадивме еден мртов човек. Голема е радоста кога ќе се слушне глас од урнатините, сите имаме надеж да најдеме жив човек. Сè на сè, жална е сликата, голема несреќа, изјави Надир Мурсели за МИА.
Тетовскиот алпинист течно зборува турски јазик па на екипата од Босна и Херцеговина освен во пребарувањето урнатини им помогнал и со преведување.
– Денеска им се повреди кучето Тора на екипата од Босна и Херцеговина, па им преведов малку околу лекови. Ме прашаа како сум дојден, па ми рекоа да останам со нив за да им преведувам. Кучето Тора е чудо, хероина. Луѓето тука знаат од прилика каде се останатите во урнатините, кој преживеал. Се бори турскиот народ, помагаат и работат, многу се благодарни за помошта од надвор што им стига, се гледа тоа. Даваат сè од себе, а и ние затоа сме сите дојдени тука, вели Надир.
Во Кахраманмараш сите спасувачи се сместени во камп со шатори. Таму се сретнал со екипите на АРМ, за кои вели дека со кучињата трагачи вршат голема работа. Според Надир, температурите навечер паѓаат под нулата и е поприлично студено. Земјотреси сè уште се чувствуваат.
Во ноември 2022 година под Титов врв, Надир заедно со директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари учествуваа во спасување на планинари и повреден полицаец, а бил дел од многи други акции за спасување но и за извлекување на загинати луѓе. Четириесет и пет годишниот тетовчанец заедно со Дехари од министерот за внатрешни работи добија благодарница за спасувачката акција на Шар Планина.