Технички дефект најверојатна причина за пожарот во најголемиот забавен парк во Германија, кој повторно е отворен за посетители
Пожарот во најголемиот забавен парк во Германија, во градот Руст во покраината Баден-Виртемберг, најверојатно бил предизвикан од технички дефект, соопшти денеска германската полиција, иако ќе бидат потребни неколку недели за да се направи конечен извештај, јави ДПА.
Паркот денеска е отворен за посетители, еден ден откако пожарот предизвика евакуација на 25.000 луѓе.
„Сите атракции и хотели во паркот „Европа“ кој се простира на 95 хектари се отворени, освен областа зафатена од пожарот“, изјави портпаролката на паркот.
Пожарот избувна вчера попладне во техничката просторија на затворената атракција „Волшебниот свет на дијамантите“, во која има анимирани џуџиња кои работат во рудник за дијаманти и змеј.
Безбедносните механизми, како што се детекторите за пожар и алармите, работеле според планираното, соопшти полицијата.
Повеќе од 450 пожарникари, полицајци и други работници за итни случаи беа распоредени во паркот, кој се наоѓа во близина на Фрајбург, недалеку од француската граница. Во пожарот полесно беа повредени двајца пожарникари.