Тивок државен удар во Будимпешта: Унгарците пишуваат дека Орбан е се поблиску до повлекување, нови лица го преземаат Фидес
Премиерот Виктор Орбан е на чело на унгарската влада континуирано од 2010 година, но во земјата се повеќе се шпекулира дека тој повеќе нема да ја води партијата Фидес на следните избори.
Исто така, постои можност Орбан да се повлече од функцијата во текот на овој мандат. Фидес цврсто ги отфрли сите такви шпекулации, но отпорот кон Орбан веќе се чувствува во самата партија.
Како можен кандидат за премиерската функција, доколку таа остане празна, унгарските медиуми го споменуваат министерот за градежништво и транспорт, Јанош Лазар. Според порталот index.hu, Лазар како нов премиер би им овозможил на владата и на Фидес поголема слобода на дејствување отколку што имаат во моментов.
„Тој е еден од ретките што изрази најостра критика за најновиот и најконтроверзен политички потег на владејачката партија – законот за транспарентност – и одби да го поддржи со својот потпис. Тој би можел да воведе нова политика. Лазар би можел да воспостави и нов компромис во односите со Европската Унија“, наведува порталот.
Потенцијалните попријателски чекори на Лазар кон Европската Унија би можеле да доведат до деблокирање на европските фондови, а Унгарија би можела позитивно да го почувствува ова на почетокот на следната година – во одлучувачкиот период пред изборите закажани за април.
Унгарските медиуми во врска со Лазар нагласуваат дека тој е отворен за комуникација со сите и дека често се појавува во јавноста под симболите на партијата Фидес.
„Во последно време, Орбан се појавува исклучиво на затворени собири на владејачката партија“, вели index.hu.
Според овие размислувања, Орбан сè уште би можел да остане на чело на партијата Фидес за да спречи колапс на владејачката структура. Во меѓувреме, Лазар би имал задача да спречи победа на партијата Тиса на Петер Маѓар.
„Доколку Фидес ги изгуби изборите следната година, тие би можеле да го обвинат Лазар за тоа, додека Орбан би останал со ореолот на победникот“, наведува порталот.
Сите горенаведени претпоставки се засноваат на шпекулации дека Орбан повеќе не е гаранција за победа за Фидес, бидејќи според анкетите, опозициската партија Тиса предводена од Петер Маѓар е во водство долго време.