ТИЕ НЕМААТ НАМЕРА ДА ЗАСТАНАТ – Саудискиот принц проговори за обвинувањата: “Не ми е гајле! Ако спортот го зголеми мојот БДП, ќе продолжиме“
Дури и оние кои вообичаено не ги следат фудбалските настани веројатно слушнале за огромните инвестиции што оваа година ги направија клубови од Саудиска Арабија. Во таа азиска земја пристигнаа бројни големи ѕвезди за огромни суми и сето тоа благодарение на средствата на Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија (PIF).
Минатата година тие исто така го купија и англискиот премиерлигаш Њукасл Јунајтед. Не сите се заинтересирани за саудиските „нафтени долари“, а многумина ја обвинуваат Саудиска Арабија дека инвестира во спортови и спортски настани од висок профил за да ја зајакне нејзината меѓународна репутација.
Мохамед бин Салман, престолонаследникот на Саудиска Арабија, ги коментираше споменатите обвинувања во интервју за Fox News.
„Не ми е гајле за тоа. Ако спортот ми го зголеми БДП за 1%, тогаш ќе продолжиме да се занимаваме со ова. Имам 1% раст на БДП од спортот и целиме кон уште 1,5%. Наречете го како сакате, ние ќе го добиеме тоа зголемување од 1,5%“, вели Мохамед бин Салман.
Активистите за човекови права велат дека саудиската Влада го користи спортот за да го сврти вниманието од други прашања, но тамошните власти ги отфрлаат обвинувањата и велат дека инвестициите во спортот се клучен дел од стратегијата „Визија 2030“.
Саудиска Арабија е критикувана за кршење на човековите права. Меѓу другото, минатата година во еден ден беа погубени 81 маж. Потоа, тука е кршењето на правата на жените, криминализацијата на хомосексуалноста, ограничувањата на слободата на говорот и војната во Јемен.
Саудиска Арабија ќе биде домаќин на Светското клупско првенство за прв пат во декември, а се очекува да се кандидира за домаќин на Светското првенство во 2030 или 2034 година.
Покрај фудбалот, Саудијците инвестираат и во бокс, голф, Формула 1, тенис…