– Големиот топлотен бран однесе 17 животи за време на викендот во Јужна Кореја, соопштија Корејската агенција за контрола и превенција на болести и противпожарните власти.
Поголем дел од починатите се фармери и постари лица што работеле надвор на екстремни жештини, објави „Јонхап њуз“.
Јужна Кореја е зафатена од топлото време од првите предупредувања за топлотниот бран што стапија на сила во средината на јуни, со неодамнешни највисоки температури од околу 35 Целзиусови степени во многу делови од земјата.
Провинцијата Северен Гјеонгсанг беше најтешко погоден регион, каде што починаа седуммина фармери.
Само во саботата провинцијата регистрира четири смртни случаи поврзани со горештините, постари фармери што работеле на отворено, во Мунгјеонг, Гимчеон, Санџу и Гјеонгсан.