Тошковски сменил 14 началници, ама15-тиот во Тетово не успеал

Од МВР сè уште не потврдуваат дали Владата му го одбила предлогот на техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски за поставување нов началник на СВР Тетово. За овој сектор долго време се шпекулираше дека постојат внатрешни судири.

Тошковски, има законско право да избере 15 позиции за распоредување на свои кадри. Тој рече дека Владата му одобрила 14 од 15 позиции. Едниот бил отфрлен без образложение. Од Владата за ТВ Алсат рекле дека не може да се објават информации ако тоа се случило во затворената сесија.

Во меѓувреме, пред неколку дена, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, изјави дека на местото началник на тетовската полиција, ќе биде избран кадар во координација со градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Кадровски промени се законско право на техничкиот министер за внатрешни работи, за да обезбеди оперативно функционирање на министерството до изборите, односно сè додека му трае мандатот.