Тој е најголемиот херој на Бахмут, статусот во историските книги му е загарантиран, а единствена опсесија му е – теретаната
Угледот на командантот се создава во војна, а Олександр Сирски веќе направи доволно за да биде запаметен.
За време на месеците на мрачната, исцрпувачка војна во која загинаа десетици илјади војници од двете страни, украинските бранители често повторуваа три збора: „Бахмут се држи“.
Минатата среда пораката наеднаш се смени, по акцијата на припадниците на Третата ударна бригада. „Во одделни области непријателот не можеше да го издржи притисокот на украинските бранители и се повлече на растојание до два километри. Нашите воини напредуваат во неколку области на фронтот, непријателот губи машини и луѓе. Слава на Украина и нашите херои!” напиша генерал-полковник Олександар Сирски , 57-годишниот командант на украинските копнени сили, во објава со фотографија на Телеграм. Наскоро се појавија слики од украинските сили околу Бахмут како поминуваат низ шумата за да ги совладаат руските позиции, а имаше извештаи за напредок во и околу неколку села северозападно од Бахмут. Сепак тоа кратко траеше, пред градот во најголем дел да се најде во руски раце.
Во исто време, Евгениј Пригожин, основачот на Вагнер, беснееше: „Приказните за тактичко повлекување не се ништо друго освен бегство, клевета, целосен кукавичлук – нешто што ќе ја срамни историјата на нашата земја со години“. На Запад, аналитичарите се прашуваа дали ова е почеток на голема офанзива.
Валери Залужни, кој е осум години помлад од Сирски и некогаш бил рангиран под него, е врховен командант на украинските вооружени сили. Но, Залужни е во Киев заедно со политичкото раководство, каде што ја сноси одговорноста за целокупната стратегија која ги вклучува сите воени операции на копно, во воздух и на море, додека Сириски делува на оперативно ниво.
Овој генерал брзо стана еден од најубедливите воени офицери на оваа војна. Три од најзначајните украински операции во војната беа одбраната на Киев, ненадејната офанзива во регионот Харков и тешката битка за да се спречат напорите на Русија да го заземе Бахмут, а Сирски ги предводеше Украинците во сите три. А оперативната одговорност за претстојната офанзива исто така ќе почива на неговите плеќи.
Се подготвуваше зад сцената
Олександар Сирски е во остар контраст со руските генерали против кои војува. Колегите го опишуваат како личност која е опседната со планирање и теретана. Пред војната, тој живеел во стан во Киев со сопругата Тамара и синот Александар, заработува околу 14.000 фунти годишно и вози Renault Mégane од 2017 година. Тој и неговата сопруга поседуваат и дача надвор од Киев и половина хектар земја. Роден во село во руската Владимирска област кога сè уште беше дел од СССР, Сирски добро ги познава советските, а сега и руските методи на војување. Студирал во Московската виша воена командна школа, советски еквивалент на Сандхерст, но е стациониран во Украина од 1980-тите. Тој се искачи низ рангот во новите украински вооружени сили пред да го добие чинот генерал-мајор како командант на 72-та механизирана бригада.
Во ноември 2013 година, кога избија протести на плоштадот Мајдан во Киев, Сирски беше испратен во Брисел како претставник на Украина за да преговара за тоа како да се доведат вооружените сили на Украина до стандардите на НАТО. Во февруари 2015 година, во екот на војната во источна Украина против непријавените руски сили и проруските сепаратисти, тој го надгледуваше повлекувањето на 6.000 украински војници од Дебалцево, каде беше последниот голем конфликт пред договорот Минск II да овозможи мирен прекин на огнот. Пред инвазијата минатата година, додека претседателот Зеленски ја намалуваше веројатноста за напад врз Киев, Сирски и другите генерали се подготвуваа зад сцената.
Една недела пред почетокот на војната, Сирски, кој тогаш стана шеф на копнените сили, ги премести украинските хеликоптери и опремата од главните бази за да не бидат цел на руски воздушни напади. Во исто време, тој ги подели Киев и околните села на различни сектори, од кои секој беше предводен од неговите генерали. На офицерите на терен им беше дозволено да носат тактички одлуки без консултации со штабот за да ја зголемат брзината на одговор на нападите, а 72-та механизирана бригада, некогаш командувана од Сирски, инаку позната како „Црните Запорожјани“, беше единствената оклопна бригада доделена за одбрана на главниот град.
Еден од најдобрите
Сирски знаеше дека Украинците немаа огнена моќ да ја спречат целосната сила на рускиот напад преку двата брега на Днепар и низ шумите на север, но тој создаде импровизирани артилериски групи, вооружени со опрема од воените академии и ги распореди да ги бранат клучните упоришта на влезот во главниот град. На 11 март 2022 година, тој видел долги руски колони од другата страна на реката Ирпин, веднаш пред предградието Мошун, влезот во главниот град. „Ова беше веројатно најкритичниот момент, кога помислив: „Па, дали навистина ќе биде тоа? Бидејќи паѓањето на Мошун значи влегување во Киев“, се сеќава тој во интервју за Вашингтон пост.
Но, адаптивните единици на украинските специјални сили ја пробија браната на реката Ирпин со експлозив. „Водата дојде и ги поплави Русите, а подоцна најдовме место каде руските маринци мораа да ги фрлат сите оклопи и да пливаат за да останат живи. По уште еден обид да се вкрстат со падобранците, Русите се повлекоа. Киев беше спасен. Водењето на војната води до победа, напиша Сирски минатата недела, парафразирајќи го прускиот воен теоретичар од 19 век, Карл фон Клаузевиц. Имено, Сирски, како и фон Клаузевиц, често ја нагласува важноста на моралот и психолошките аспекти на војувањето.
„Моралот е една од клучните разлики меѓу двете сили“, ќе потврди Ед Арнолд , одбранбен аналитичар во Кралската единица за Обединети служби и поранешен британски воен офицер. Но, тактиката е исто така важна. Минатата есен Украина изврши пробни напади долж долгата руска линија на фронтот во регионот на Харков и, кога најде слаба точка, испрати војници и оклопни возила да ја пробијат линијата. „Штом беа зад линиите, беше тешко за руските сили да се спојат на одредена географска точка. Русите тогаш имаа проблем со единството на командата, командатата и контролата едноставно не функционираа и всушност никогаш не функционираа на исток од почетокот на инвазијата“, додаде Арнолд.
Кога украинската армија, повторно предводена од Сирски, ќе ја нападне руската одбранбена линија долга 900 километри ова лето, најверојатно ќе користи сличен пристап, но овој пат Русите имаа месеци да се организираат. И покрај тоа, аналитичарите нагласуваат дека одбранбените линии се речиси бескорисни доколку не се покриени со огнена моќ. Останува да се види дали Сирски ги исцрпил Русите во Бахмут, но засега неговиот статус во историските книги е сигурен. Угледот на командантот се создава во војна, а Олександр Сирски веќе направи доволно за да биде запаметен како еден од најдобрите.