Трагите водат кон Северна Кореја: Се знае од каде Хамас го доби моќното оружје со кое ја фати израелската војска на спиење
Милитантите на Хамас наводно користеле севернокорејско оружје за време на нападот врз Израел на 7 октомври.
Ова го кажуваат јужнокорејските власти и двајца севернокорејски експерти за оружје кои ги анализирале видеата од нападот и оружјето запленето од Израел, како што пренесува АП.
Пјонгјанг негира дека им доставува оружје на милитантите, но соговорниците на АП укажуваат дека Хамас користел ракетни фрлачи Ф-7 (аналогни на советскиот РПГ-7) против оклопни возила.
Тие, исто така, истакнаа дека пропагандните видеа и фотографии на Хамас го покажуваат севернокорејскиот противтенковски ракетен систем Булсае и автоматската пушка тип 58, која е копија на автоматот Калашников.
Здружениот генералштаб на Јужна Кореја на брифингот посебно ја нагласи употребата на севернокорејски фрлачи на гранати.
Но, севернокорејската новинска агенција KCNA, сепак, ги нарече таквите информации „неосновани и лажни гласини“ организирани од Соединетите Американски Држави.
Во декември 2009 година, тајландските власти заплениле 35 тони оружје од севернокорејски товарен авион кој техничко запирал на аеродромот во Бангкок. Тајландските власти тогаш изјавија дека оружјето било наменето за Иран.
Во 2012 година, САД објавија дека пресретнатиот товар бил наменет за Хамас.
Западните влади се сомневаат и дека Северна Кореја и’ доставува муниција на Русија, на која и’ е потребно оружје за војната во Украина.
Белата куќа минатата недела објави дека Северна Кореја и’ доставила на Русија повеќе од 1.000 контејнери со воена опрема и муниција.