ТРАМП БИ МОЖЕЛ ДА ГИ РАЗНИША ТЕМЕЛИТЕ НА СВЕТСКАТА ПОЛИТИКА Еве зошто европските земји стравуваат од нови избори во Америка

Враќањето во Белата куќа може да го промени текот на војната во Украина.

Во текот на неговата кратка, но интригантна политичка кариера, Доналд Трамп постојано покажува наклонетост и симпатии кон рускиот претседател Владимир Путин.

На самитот Русија-САД во Финска во 2018 година, Доналд Трамп одлучи да го земе Владимир Путин на збор кога го негираше руското мешање во американските избори во 2016 година, игнорирајќи ги разузнавачките извештаи за спротивното.

Доколку Трамп се врати во Белата куќа, тој благ однос кон Русија веројатно повторно ќе стане „камен-темелник“ на американската надворешна политика, поддржан од мнозинството републикански гласачи и некои членови на Конгресот на таа партија.

Неговите коментари на состанокот со гласачите организиран од Си-Ен-Ен оваа недела уште еднаш ги убедија оние кои ја забележуваат неговата пријателска наклонетост кон Путин дека биле во право.

Поранешниот американски претседател рече дека може да ја заврши војната за 24 часа, но не кажа како.

Тој одби да одговори на прашањето дали сака Украина да победи и се пожали на трошоците за воената помош.

– Оружје подаруваме, но го немаме ни за себе – рече тој и ги обвини европските земји дека не даваат доволно.

Иако американскиот Конгрес одобри милијарди долари финансиска помош за Украина од почетокот на војната, Трамп како претседател би можел да ја забави, па дури и да ја прекине таа поддршка.

Дел од републиканците ги осудија ваквите изјави на Трамп, но можно е, па дури и веројатно, американската поддршка за Киев целосно да престане доколку Трамп биде реизбран на изборите во 2024 година. Во најмала рака, таа поддршка повеќе нема да биде безусловна.

Исто така, постои страв дека под водство на Трамп, САД повеќе нема да бидат на иста линија со европските партнери во однос на руските санкции. Во Велика Британија стравуваат од последиците од новиот претседателски мандат на Трамп.

Ако Трамп ја прекине испораката на оружје за Киев, војната ќе заврши според условите на Русија, што е најлошиот кошмар на Западот, изјави Алекс Јангер, поранешниот шеф на британската разузнавачка служба МИ6, Би-Би-Си.

Од друга страна, ако се загрижени во Киев, тоа добро го кријат. Еден ден откако Трамп ги даде коментарите, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за Би-Би-Си дека не е загрижен за изборите во САД во 2024 година.

-Изборите во САД ќе бидат за една година, којзнае што ќе биде. Верувам дека дотогаш ќе победиме – рече тој и јасно стави до знаење дека не верува во слабеење на односите меѓу Украина и Соединетите Американски Држави.