Трамп го поддржа Џим Џордан за спикер на Претставничкиот дом

Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп ја поддржа кандидатурата на Џим Џордан за спикер на Претставничкиот дом, откако Долниот дом на американскиот Конгрес неделава остана без свој претседател по изгласаната недоверба на претходникот Кевин Мекарти. 

Во соопштение на социјалната мрежа Трут соушал, Трамп изјави дека Џордан „ќе биде одличен спикер на Домот“ и дека ја има неговата целосна поддршка“. 

Трамп претходно изрази подготвеност привремено да служи на оваа функција и планирал посета на Капитол хил во наредните денови за да разговара со републиканците додека тие избираат нов спикер, јави Си-Ен-Ен. 

Извор близок до Трамп сепак кажал дека поранешниот претседател не се очекува да оди во Вашингтон. 

Во вторник републиканците ќе разгледуваат неколку кандидати, гласањето за нов спикер се очекува да биде на 11 октомври во среда.

Лидерот на мнозинството во Претставничкиот дом, Стив Скализe и Џордан ги најавија своите кандидатури, во трката можат да се приклучат други, но се уште не е сигурно дали тоа ќе резултира во изводлив наследник на Мекарти. 

Во меѓувреме, поради испразнетата функција претседател, американскиот Парламент и понатаму останува парализиран во својата работа.