Трамп повторно го „удрија“ по џеб: судијата го казни поради прекршување на забраната за коментирање сведоци
Судијата Хуан Мерчан пресуди денеска на судењето во Њујорк дека поранешниот претседател Доналд Трамп направил престап со тоа што како обвинет во овој процес го нарушил молкот.
Според наредбата, Трамп до крајот на оваа недела треба да плати 9.000 долари казна поради тоа што низ социјалните мрежи и на неговата кампањска страница именувал и критикувал сведоци. Судијата исто така се закани со затворска казна за него ако повторно го наруши правилото.
Останати моменти од денешното рочиште на судењето за исплатата изршена пред изборите во 2016 година на Сторми Дениелс, актерка на филмови за возрасни, за нераспространување компромитирачки информации од приватниот живот на поранешниот претседател се неколкуте сведочења на сведоци.
Денеска беа слушнати изјавите на повеќе сведоци вклучувајќи го и Гери Фаро, банкарот на поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен. Фаро даде детаљи за документацијата поврзана со исплатата на 130.000 долари на Дениелс, што е во центарот на овој судски процес.
Сведочеше и Роберт Браунинг, извршен дикректор на архивите на јавната медиумска куќа „Си-спан“ при што обвинителите прегледаа неколку видео снимки со Трамп како доказ.
Понатаму, сведочеше и Кит Дејвидсон, поранешен адвокат на Дениелс и Карен Мекдугал, поранешна манекенка која исто така е дел од процесот, за преговорите меѓу изданието „Нејшнл енквајерер“ и Коен за откуп и необјавување на сторијата на Мекдугал околу личната врска што таа ја имала со Трамп.