Трамп: Секој што ќе убие некого во Вашингтон, се соочува со смртна казна

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација ќе бара смртна казна во случаи на убиства во Вашингтон.

„Кој и да убие некого во главниот град, смртна казна. Главниот град, смртна казна. Ако некој убие некого во главниот град, Вашингтон, ќе бараме смртна казна“, рече претседателот на денешниот состанок со членовите на кабинетот.

Тој рече дека тоа е многу силна превентивна мерка. „Не знам дали сме подготвени за тоа во оваа земја… немаме избор“, рече Трамп.

Тој додаде дека мерката ќе биде спроведена во Вашингтон, додека „државите ќе мора сами да одлучат“.

Трамп прогласи кризна состојба

Две недели, стотици припадници на Националната гарда патролираат по улиците на главниот град на САД откако Трамп прогласи вонредна состојба, тврдејќи дека Вашингтон е преплавен од бран криминал. Министерот за одбрана Пит Хегсет минатата недела им овласти на овие војници да носат оружје по улиците на главниот град.

Локалната единица на Националната гарда во Вашингтон во неделата објави дека нејзиниот персонал ќе употреби сила само „како последно средство и исклучиво како одговор на непосредна закана од смрт или сериозни телесни повреди“.

Трамп го најави Чикаго како следен град за борба против криминалот

Во меѓувреме, Трамп, член на Републиканската партија, објави дека веројатно ќе ја прошири својата програма за борба против криминалот во Чикаго, кој, како и Вашингтон, е доминиран од демократите. Сепак, во неделата тој наговести за можноста за испраќање на Националната гарда во Балтимор, град во сојузната држава Мериленд, кој исто така е управуван од демократите.

Неименуваните американски претставници изјавија дека претставници на Пентагон изготвиле првични планови за евентуално распоредување на трупи на Националната гарда во Чикаго. Еден од претставниците рече дека плановите се дел од напорите на војската да ги предвиди наредбите на Трамп, истакнувајќи дека високи претставници на Пентагон сè уште не биле известени за никакви инструкции од претседателот. Пентагон често планира евентуални распоредувања пред да добие формални наредби, забележа Ројтерс.

Трамп нема овластување да ја испрати војската во Чикаго, изјави демократскиот претставник Хаким Џефрис за Си-Ен-Ен во неделата, карактеризирајќи го секое распоредување во градот како обид на Трамп да произведе криза.

„Нема основа, а Доналд Трамп нема овластување, за евентуално испраќање федерални трупи во Чикаго“, рече Џефрис во неделата.

Трамп тврди дека Вашингтон е преплавен со криминал, официјалните податоци велат дека криминалот е намален

Некои републикански гувернери испратија стотици членови на Националната гарда во Вашингтон, според наредбата на Трамп. Според претседателот, главниот град на САД е преплавен од бран криминал, додека официјалните податоци покажуваат дека бројот на кривични дела во градот е намален.

Сепак, во неделата Трамп изјави дека сега нема повеќе криминал во Вашингтон, припишувајќи го тоа на неговата одлука да испрати војници и стотици федерални полицајци во градот. Претседателот не ги поткрепи своите изјави со никакви докази, забележува Ројтерс.

Наслов 10 од Кодексот на САД, федералниот закон што ја регулира улогата на американската војска, исто така содржи одредба што му дозволува на претседателот да испраќа единици на Националната гарда за одбрана од инвазија, сузбивање на бунт или за да му овозможи на претседателот да го спроведува законот.

Токму оваа одредба ја искористи Трамп кога испрати единици на Националната гарда во Калифорнија претходно оваа година за да ги потиснат протестите, и покрај противењето на гувернерот Гевин Њусом, забележува Ројтерс.