Трамп ѝ се заканува на Русија со санкции: „До постигнување на примирје размислувам за санкции“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за нови санкции и царини за Русија по бранот удари врз Украина во текот на ноќта.

„Врз основа на фактот дека Русија апсолутно ја напаѓа Украина на бојното поле во моментов, силно размислувам за големи банкарски санкции и тарифи за Русија додека не се постигне прекин на огнот и КОНЕЧНО МИРВНО РЕШЕНИЕ, напиша Трамп.

Да потсетиме дека по средбата меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа кон крајот на февруари, која заврши со расправија, односите драстично се влошија. Не беше потпишан договор според кој САД ќе преземат 50 отсто од правата на украинските ретки минерали како компензација за помошта дадена за време на војната, а Трамп набрзо ја суспендираше американската воена помош за Украина. Пред неколку дена го прекина и испраќањето разузнавачки информации во Украина.

Во таква ситуација Зеленски јавно објави дека е подготвен за мировни преговори, но набргу потоа Русија изврши нови масовни напади врз украинската инфраструктура. Трамп сега, по бранот критики и руските офанзиви, и се заканува на Москва со големи санкции и царини доколку не се постигне прекин на огнот и конечен мировен договор.