– Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ги поттикна жените од Радовиш, кои досега не биле во работен однос да се охрабрат и да се вклучат на пазарот на труд, соопштија попладнево од ова Министерство.
Како што објаснила министерката на средбата со жени од различна етничка припадност, како и жени кориснички на услуги и права од Центрите за социјална работа, од особена важност е финансиската стабилност во поодминати години од животот. За таа цел беа дискутирани новите можности за вработување кои ги нуди Европа, како и усогласувањето на законските регулативи на нашата држава за да може соодветно да одговориме на тие можности.
На средбата била отворена и темата за предучилишното воспитание и за важноста од раниот детски развој. Министерката ги посоветува присутните дека од особена важност е децата Роми да бидат вклучени во предучилишните установи подеднакво како и другите деца.
Тренчевска посочила и на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи-детски градинки“ кој, како што се наведува, несомнено придонесе во поголема вклученост на децата во предучилишното образование и воспитание.
Денешната средба на министерката Тренчевска во Радовиш е во рамки на кампањата „Гласна и храбра“, а присуствуваше и директорот на Центарот за социјални работи во Радовиш, Александар Филев.