На средбата претставниците на Иницијативниот одбор на пензионери ги изнесоа своите барања меѓу кои, линеарно зголемување од 3.500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување согласно новата методологија воспоставена минатата година, одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата, зголемување на надоместокот за мобилност и туѓа нега и Гарантирана минимална помош.
Министерката Тренчевска ги ислуша нивните барања, по што се отвори дискусија околу истите. Министерката истакна дека пензионерите и унапредувањето на квалитетот на живот на нашата највозрасна категорија на граѓани, е приоритет на оваа Влада. За тоа потврдуваат фактите дека од доаѓањето на оваа Влада прво што беше отворено е прашањето за порастот на пензиите и обезбедувањето на достоен живот за сите.
„Минатата година низ транспарентен процес заедно со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионери ја донесовме новата методологија која обезбедува усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Тоа е најреалниот пораст на пензиите. Тоа е системско решение кое овозможува постојан раст на пензиите“, рече Тренчевска.
Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Првото усогласување во Септември 2022 година беше 6.8 отсто, второто во Март 2023 година – 8.4 отсто и моменталната проекција за Септември 2023 година-најмалку 6 отсто. Заедно со усогласувањето во јануари 2022 година тоа е раст за околу 24 отсто од доаѓањето на овој владин состав.
Министерката истакна дека иницијативата за унапредувањето на квалитетот на живот на пензионерите потекнува токму од Министерството за труд и социјална политика и таа како министерка. Иницијатива која беше поддржана од Владата.
Во 2022 година, месеците март, април и мај, сите 330.000 пензионери добија финансиска помош од 3.000 денари, а пензионерите со ниски пензии беа дел и од пакетот финансиска помош за ранливи категории на граѓани односно добија помош од 3.000 и 6.000 денари во зависност од висината на пензијата.
Владата продолжува и со субвенционирање на електричната енергија за сите граѓани, вклучително и пензионерите. Пензионерите со ниски пензии преку Министерството за економија, можат да добијат субвенции за електрична енергија до 1.000 денари.
Министерката потенцираше дека со добри политики и домаќинско работење се обезбедува стабилност на пензискиот фонд и пензионерите ги добиваат пензиите редовно и предвреме.
Сите барања кои беа доставени до Министерството за труд и социјална политика ќе бидат разгледани и заедно во дијалог со Сојузот на пензионери ќе се креираат понатамошните политики и мерки за пензионерите со посебен акцент на оние со пониски пензии а во насока на обезбедување на достоен живот за сите граѓани.