– Преку системски решенија, овозможуваме достоинствен живот за пензионерите, антикризните мерки и повисоката минимална пензија го штитат нивниот животен стандард, порачува министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, по средбата со претставниците на пензионерите, што се одржа во тек на нивниот проетст пред Владата.
Тренчевска, како што информира во соопштение владината прес-служба, посочила дека Владата има слух за сите граѓани во државата, а одржувањето на денешната средба со пензионерите, како и претходната во Министерството за труд и социјална политика се потврда за тоа.
Министерката истакнала дека веднаш по одржаната средба во Министерството за труд и социјална политика, беше формирана и работна група, со номинирани членови на сите засегнати страни, како и дека работната група редовно одржува состаноци на кои се разгледуваат сите пристигнати барања и предлози од здруженијата на пензионери, Партијата на пензионери и Сојузот на пензионери на Македонија.
– Работната група работи на креирање на краткорочни и на долгорочни мерки за пензионерите. Повторно како и претходната година ќе бидат креирани антикризни-социјални мерки како краткорочно решение и се работи на измени на законот за пензиско осигурување со кое ќе се обезбеди повисока минимална пензија. Тоа е системско решение како и претходното со усвојување на новата методологијата за усогласување на пензиите, со која се обезбедува постојан раст на пензиите, истакнала Тренчевска.
Како што известуваат од Влада, преку методологијата пензиите за нецели две години пораснаа за околу 24 отсто. Притоа се обезбедува и стабилност на пензискиот систем и редовна исплата на пензиите.
– Работната група кога ќе ги финализира предлозите ќе ги достави до Владата на усвојување и за тоа ќе биде известена јавноста, потврдија тие.
Од Владата истакнуваат дека заедно со Министерството за труд и социјална политика изминатиот период покажале вистинска грижа за пензионерите, за што, како што велат, потврдува постојаниот раст на пензиите, антикризните мерки во кои беа вклучени пензионерите, воспоставувањето на социјални услуги низ целата држава, како помош и нега во домот на стари лица, како и инвестиции во изградба на домови за стари лица во Берово, Пробиштип, Кавадарци и Крива Паланка.