Нагорно Карабах го спушта оружјето пред Азербејџанците: Ерменскиот премиер Пашинјан изјави дека не учествувал во договорот за прекин на огнот (фото/видео)

За денеска во Нагорно Карабах беше најавен прекин на огнот, бидејќи ерменските сепаратисти се согласија да го спуштат оружјето и да преговараат за реинтеграција на оваа територија во Азербејџан.

Министерството за одбрана на Азербејџан објави дека силите во Карабах ќе бидат разоружани и ќе стапи на сила прекинот на огнот пред првите разговори за спорната енклава.

Претседателството потврди дека утре ќе се одржат преговори во азербејџанскиот град Јевлах, помалку од 24 часа по започнувањето на големата воена операција за „реинтеграција“ на регионот.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека неговата земја не учествувала во изготвувањето на договорот за прекин на огнот.

– Ја забележавме одлуката на властите во Карабах да ги прекинат непријателствата и да го положат оружјето. Многу е важно борбите да престанат – рече тој на телевизија, додавајќи дека Ерменија веќе нема воени единици во регионот од август 2021 година.

Планинскиот регион Нагорно-Карабах и дел од околните територии се под ерменска контрола од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година, но Азербејџан ги врати териториите во шестнеделна војна во 2020 година.

Војната заврши со прекин на огнот со посредство на Русија и оттогаш контингент руски мировници е во Нагорно Карабах.

Сепак, Азербејџан тврди дека по примирјето, Ерменија шверцува оружје во областа.

Поради овие тврдења, блокиран е единствениот пат што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија, што предизвика недостиг на храна и лекови во тој регион.