Трибина на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце е Македонија“

ВМРО-ДПМНЕ денеска организираше трибина насловена „Гоце е Македонија“ во рамки на одбележувањето на 120. години од Илинденското востание и 130. години од основањето на ВМРО.

Претседателот на партијата Христијан Мицкоски истакна дека главната водилка на Гоце Делчев била дека тој го разбира светот како поле на културен натпревар и оти таа денес треба да се преслика како натпревар во многу области.

Македонците заедно со нашите сограѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и останати покажале дека се способни да се натпреваруваат со многу поголеми и помоќни држави од нашата во Европа, па и во светот. 

Зборувајќи за политичкиот противник што денеска ја води Владата, Мицкоски рече дека прави доста грешки и ја води на тој начин „што е помал коалиционен партнер на Демократската унија за интеграција“. 

-Денеска бевме сведоци наместо на еден убав свечен чин кој што треба да не обедини ние гледаме чин кој што не разединува, не дели и затоа хеликоптери кружеа над небото над главниот град. И тоа е суштината во која што ние денеска живееме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде партија што ќе предводи промени во државата 

-Пред пет години малкумина беа убедени дека ВМРО-ДПМНЕ најпрвин ќе опстане на политичкава сцена, но откако опстана, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде во ситуација денеска да биде повторно најголемата политичка партија во Македонија и партија која што ќе се обиде на следните предвремени парламентарни избори да го обедини, пред се, македонскиот народ, но и сите оние наши сограѓани кои што веруваат дека ВМРО-ДПМНЕ може да донесе подобар живот, да донесе надеж, рече Мицкоски. 

Според него, ќе дојдат избори многу скоро од денеска и ВМРО-ДПМНЕ ќе победи.  

-Никој веќе нема дилема, дури и Ковачевски да го прашате и Али Ахмети и тие ќе ви го дадат тој одговор. Барем едно е константна, кога и да се случат изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Прашањето е дали ќе бидат 55, 58, 60, 62 пратеника, рече Мицкоски.

Професорот Ванчо Ѓорѓиев посочи дека Гоце Делчев е симбол на една епоха, на една борба на македонскиот народ, борба за слободна македонска држава или во најмала мера, како што „тие планирале да влезе како рамноправен и државотворен член на една поширока балканска конфедерација или федерација“.

-Годинава имаме и 120 години од Илинденското востание, имаме 130 години од создавањето на македонската револуционерна организација, 120 години од загинувањето на Гоце Делчев, 120 години од објавувањето на „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Овде станува збор за година на многу чествувања, година која е исполнета со македонска борба, со македонски пројави за македонска држава, рече Ѓорѓиев.

Тој посочи дека организација на која припаѓал Гоце Делчев е организација која размислувала за интеграција и спојување на народите.

-Оваа организација кон која припаѓал Гоце Делчев и многу современици всушност е организација која е далеку далеку пред сите на Балканот која размислувала за интеграција, спојување на народите, државите и за развој на економијата за просперитет и отворени граници. Додека пак другите се залагаа за проширување на своите територии за грабување на туѓи народи, додаде Ѓорѓиев.