Трошоците на животот во мај зголемени за 11,3 отсто на годишно ниво и за 0,4 отсто на месечно ниво

Трошоците на животот во мај годинава се зголемени за 11,3 отсто во споредба со истиот месец лани, а цените на мало бележат зголемување од 7,5 отсто. На месечно ниво трошоците на животот во мај годинава се повисоки за 0,4 отсто во однос на април 2023 година, додека цените на мало се намалени за 0,9 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 13,3 отсто, свежото и разладеното овошје за 8,5, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2, рибата и морските плодови за 1,6, жестоките пијалаци за 0,8, сирењето и урдата за 0,5, месото за 0,4, кафето, чајот, какаото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, виното за 0,3, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, пивото за 0,2 отсто.

Пораст на трошоците на животот е забележан и кај другите услуги неспоменати на друго место за 10,6 отсто, накитот, часовниците и рачните часовници за 4,9, медицинските услуги за 3,4, парамедицинските услуги за 2,9, обувките за 2,8, услугите за сместување за 1,8, фармацевтските производи, туристичките аранжмани за 1,6, производите за домаќинството – нетрајни за 1,4, домашните миленици и сродните производи за 0,9, моторните возила за 0,8, малите електрични апарати за домаќинствата, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти, рестораните, кафулињата и слично за 0,7, облеката, мебелот и покуќнината, терапевтските помагала и опремата, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 0,6, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,5, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,3, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето, големите електрични апарати за домаќинствата, малите алатки и останатите додатоци за 0,2 отсто.

Намалување на трошоците на животот во мај 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 2,4 отсто, млекото за 1,6 и лебот и житата за 0,7 отсто.

Намалување на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 27,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 7,3, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 5,5, гасот за домаќинствата за 4,3, цврстите горива за домаќинствата за 3, медиумите за снимање за 1,8, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,5, стоматолошките услуги за 1,3, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,2, игрите, играчките и хобијата за 1,1, другите печатени материјали, другото образование за 1, градините, растенијата и цвеќињата за 0,6, книгите, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,5, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,3 отсто.