Турскиот парламент попладнево треба да ја продолжи расправата за ратификацијата на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, 19 месеци откако таа поднесе барање за членство.
Тоа е прашање што стана покомплицирано откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го поврза со барањето на Анкара Вашингтон да и продаде борбени авиони Ф-16.
Шведска и Финска го отфрлија децениското воено неврзување и се обидоа да се приклучат на одбранбената организација предводена од САД, откако Русија ја нападна Украина минатата година.
Нивните барања за членство беа брзо одобрени од сите членки на НАТО, освен Турција и Унгарија.
Но, во случајот со Финска тие попуштија, па во април стана 31-ва членка на НАТО.
Комитетот за надворешни работи на турскиот парламент не успеа да го договори текстот за парламентарно гласање во ноември и повторно ќе се состане попладнево.
Да потсетиме дека Ердоган ги повлече своите приговори за членството на Шведска во НАТО во јули , откако Стокхолм се справи со курдските групи кои Анкара ги смета за терористи.
„Гледаме промена во политиката во Шведска. Гледаме дека некои одлуки се донесени во судовите, иако тие се малку“, рече Фуат Октај, пратеник на владејачката партија на Ердоган АКП и шеф на парламентарната комисија за надворешни работи.
„Имавме некои барања да преземеме понатамошни чекори“, додаде тој.
Откако комисијата ќе го прифати текстот, ќе се гласа во парламентот, каде владејачкиот сојуз на Ердоган има мнозинство.
Сојузниците на НАТО го зголемија притисокот врз Турција, а Франција изјави дека кредибилитетот на алијансата е „во прашање“.
Ердоган во декември предложи парламентот да дејствува кон Шведска само ако американскиот Конгрес го одобри барањето на Турција за купување на десетици борбени авиони Ф-16 и резервни делови и ако другите сојузници на НАТО, вклучително и Канада, го укинат ембаргото за оружје за Анкара.
„Позитивните случувања од Соединетите Држави во врска со Ф-16 и исполнувањето на канадското ветување ќе го забрзаат позитивниот став на нашиот парламент (за кандидатурата за членство на Шведска), рече Ердоган.
„Се е поврзано“, додаде тој.
„Членството на Шведска во НАТО и продажбата на Ф-16 на Турција ќе бидат координирани до одреден степен бидејќи, за жал, ниту една земја не и верува на другата“, рече Озгур Унлухисарчикли, шеф на канцеларијата на германскиот Маршалов фонд во Анкара.