Турција уапси познат новинар! Го обвинија за тероризам и навреда на Ердоган: Соработувал со забранета организација (ФОТО/ВИДЕО)
Шведскиот новинар Јоаким Медин е уапсен и префрлен во затвор во Истанбул , обвинет за „тероризам и навреда на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, соопштија турските власти.
– Се бара за сторено кривично дело „членство во вооружена терористичка организација и навреда на претседателот“, лицето е уапсено по пристигнувањето на аеродромот во Истанбул на 27.03.2025 година, а приведено на 28 март – соопшти владиниот Центар за борба против дезинформации.
Се додава дека налогот за апсење на шведскиот новинар нема никаква врска со неговите новинарски активности, откако репортер на британската телевизиска мрежа Би-Би-Си беше протеран од земјата и најмалку десетина турски новинари беа уапсени за известување за протестите во Турција.
Јоаким Медин е обвинет дека учествувал
„на 11 јануари 2023 година во демонстрации организирани од приврзаниците на терористичката организација Курдистанска работничка партија (ПКК), при што била изложена и кукла со ликот на Ердоган.
– Бирото за истраги за терористички злосторства на главниот обвинител на Анкара отвори истрага за инцидентот на 13 јануари 2023 година против 15 осомничени, меѓу кои и шведскиот новинар Медин – се вели во соопштението.
Медин е обвинет и за „обезбедување контакти меѓу терористичката организација ПКК и медиумите“.
Турција и некои западни земји ја сметаат ПКК за терористичка организација.