“ТУРЦИЈА ЌЕ ГО ИМА ПОСЛЕДНИОТ ЗБОР!“ – Реџеп Таип Ердоган покажа ‘заби’: Ќе ја ратификува кандидатурата за членство на Шведска во НАТО само под еден услов

Парламентот на Турција ќе го исполни ветувањето и ќе ја ратификува шведската кандидатура за членство НАТО доколку администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, овозможи продажба на американските авиони F-16 на Анкара, најави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавуваат турските медиуми.

Говорејќи пред новинарите на враќање од азербејџанската енклава НахчиванРеџеп Таип Ердоган порача дека министерот за надворешни работи Хакан Фидан и американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговарале за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО минатата недела во Њујорк, пренесува медиумската агенција Reuters.

Реџеп Таип Ердоган изјави дека американската администрација ја поврзува продажбата на борбени авиони F-16 на Турција со ратификацијата на шведската кандидатура од страна на Анкара.

Ако тие (САД) ги одржат своите ветувања, нашиот парламент ќе го одржи ветувањето. Турскиот парламент ќе го има последниот збор за членството на Шведска во НАТО“, нагласи турскиот претседател.

Реџеп Таип Ердоган најави и дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можел да ја посети Турција во октомври или ноември, додавајќи дека после тоа ќе ја врати посетата, јавуваат турските медиуми.

Бенјамин Нетанјаху и Реџеп Таип Ердоган за прв пат се сретнаа минатата недела на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, додека двете регионални сили работат на подобрување на долго затегнатите односи.