Туск: Полска не планира директно да учествува во војната на територијата на Украина

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Полска не планира директно да учествува во војната на украинска територија.

– За ова ги информирав францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Џо Бајден – рече тој на прес-конференција во Гливице на прашањето за тековните преговори во Брисел меѓу министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, за можното создавање мисија на Алијансата во Украина .

Тој додаде дека нема да коментира за ова прашање додека не добие целосна информација за содржината на тие преговори и нивните резултати.

– Засега можам да го повторам она што му го кажав на претседателот Макрон, она што им го кажав и на другите лидери, вклучително и на претседателот Бајден – Полска не планира никакво директно учество во војната на украинска територија – рече Туск, пренесе агенцијата ПАП.

Од среда се одржува дводневна средба на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО, по повод 75-годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор.

Полска ја претставува министерот за надворешни работи Радослав Сикорски, кој најави дека тема на состанокот ќе биде неоимперијалната руска инвазија на Украина, помошта од земјите членки на Украина, но и можноста за донесување одлука за создавање на Мисијата на НАТО, не воена, туку за поддршка на Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање француски војници во Украина, „ако биде потребно во иднина“.