Косовските власти го конфискуваа мултимилионскиот имот на Милан Радоичиќ во северно Косово

Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу објави дека на водачот на нападот на 24 септември во Бањска на северот на Косово, косовскиот Србин Милан Радоичиќ, му е конфискуван повеќемилионски имот, јави дописникот на МИА од Приштина.

На списокот што Хаџиу го објави на својата Фејсбук страница фигурираат повеќе од 30 автомобили, багери, модифицирани оклопни возила, мотори на четири тркала, една вила, стан, чамец и кафеана.

– Документите подолу се долги списоци на бројни конфискувани и запленети имоти на мега-криминалецот кој самиот станал милионер, додека со страв, закани и уцени ги користел граѓаните на српската заедница (во северно Косово), напиша Хаџиу.

Според неа, Радоичиќ станал милионер преку криминалот, теророт и осиромашувањето на луѓето.

– Значи, за себе милиони преку криминал, додека за граѓаните терор и осиромашување. Но, оваа ера дојде до крајот. Дојде време граѓаните да живеат мирно, а криминалците да бидат казнети, додаде таа.

Поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за вооружениот напад во Бањска на 24 септември годинава, во кој беше убиен еден косовски полицаец, а загинаа и тројца од напаѓачите Срби.

Во врска со нападот, Радоичиќ беше приведен на распит во Србија, меѓутоа веднаш потоа беше ослободен од надлежниот суд во Белград, при што беше објавено дека му е запленет пасошот и му е наложено да не ја напушта државата.

Во декември минатата година, два и пол месеци по нападот во Бањска и пребегнувањето на напаѓалите на територијата на Србија, светската полициска организација издаде налог за апсење на Радоичиќ