Уапсениот „крал на криптовалутите“ живеел луксузно во Србија блиску до шефот на белградската полиција!?

Јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“ До Квон, обвинет на почетокот на неделава во Црна Гора за фалсификување документи, живеел луксузно во елитната белградска населба Дедиње со месеци пред да биде уапсен во Подгорица, а дури имал и регистрирана компанија во Србија, пишуваат белградските медиуми.

Бегството на човекот кој ги оштети жртвите од неговите манипулации за суми проценети меѓу 40 и 60 милијарди долари потсетува на заплетот на холивудски филм, пишува порталот nova.rs, наведувајќи дека српската полиција во меѓувреме го запленила скапиот стан во кој тој престојувал.

До Квон и неговиот соработник Хон Чонг Џун беа уапсени на аеродромот во Подгорица во март, според меѓународна потерница, кога се обиделе да одат со приватен авион за Дубаи. Полицајците се сомневаа дека Квон и Џун користеле пасоши од Костарика.

Во меѓувреме, официјална Подгорица се уште не одлучила кому ќе бидат екстрадирани и додава дека земјите што го бараат ќе мора да почекаат доколку се утврди дека уапсените ги прекршиле домашните прописи.

Возел низ Белград со лимузина

Јужнокорејскиот брокер за криптовалути се бара од властите на неговата земја за измама и кршење на берзанските закони, но по него трагаа и властите на Сингапур и САД, а белградскиот портал пишува дека падот и бегството на До Квон може да послужи „како сценарио за филм“.

До Квон отиде во бегство по банкротот на неговата компанија што „ги фрли во црно инвеститорите ширум светот“.

Во Белград е виден како вози скапа лимузина, а ги користел и социјалните мрежи.

Србија и Јужна Кореја немаат билатерален договор за екстрадиција, но Србија имала обврска да го уапси бегалецот врз основа на потерницата од Интерпол, особено што по него трагале и други земји. „За Србија да биде посрамно, тој живеел во близина на зградата во која живее шефот на белградската полиција Веселин Милиќ“, пишува белградскиот портал nova.rs.