Уапсен „Богот на подземјето“, најбараниот нарко-бос: Се криел како стаорец под мијалникот, паднал по една година бегство
Најбараниот нарко-бос беше уапсен по една година бегство, криејќи се во дупка под кујнскиот пулт.
Најбараниот бегалец во Еквадор, Хозе Адолфо Масијас, познат и како Фито, е повторно фатен повеќе од една година откако избегал од затвор со максимална безбедност.
Фито, водачот на озлогласената банда Лос Чонерос, беше пронајден во неговиот роден град Манта по 10-часовна операција на безбедносните сили. Видео објавено од еквадорската војска покажува униформиран војник како му вперува пиштол во главата откако бил пронајден како се крие во мала дупка под кујнскиот пулт.
НМасијас има богато криминално досие, вклучувајќи обвиненија за убиство и организиран криминал, и беше осуден на 34 години затвор во 2011 година.
Понудена награда од милион долари
За неговото апсење беше понудена награда од милион долари. Властите сè уште не објасниле како избегал – неговото исчезнување било откриено дури кога војската дошла да го земе за префрлање во друг затвор и пронашла празна ќелија.
По бегството, прогласена е вонредна состојба во траење од 60 дена. Во овој период, маскирани вооружени лица упаднале во телевизиско студио за време на пренос во живо, тврдејќи дека имаат бомби.
Интерпол брзо издаде меѓународна потерница за Масијас, кој треба да се појави на суд во Њујорк за меѓународна трговија со дрога и оружје.
Масијас е обвинет за дистрибуција на кокаин низ целиот свет и шверц на оружје и муниција од САД во Еквадор, во соработка со мексикански картели.
Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа потврди дека неговата влада веќе побарала екстрадиција на Масијас во САД и најави дека „ќе паднат повеќе познати водачи на банди“.
Масијас, кој имал речиси култен статус меѓу дел од јавноста, бил познат по организирање забави со алкохол и борби со петли во затвор. Во 2023 година, тој објави видео во кое се обраќа на луѓето од затвор, опкружени со вооружени чувари.
Минатата година, САД ги прогласија Лос Чонерос за една од најнасилните банди во светот, додека Еквадор ја означи групата како терористичка организација.
Неговото апсење доаѓа неколку недели откако владата објави дека ќе ја зголеми наградата за неговото апсење на 1 милион долари.