Убиени се 31.819 Палестинци во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега

– Израел, обвинет за геноцид, од 7 октомври минатата година досега уби 31.819 Палестинци и повреди 73.934,љ.

Палестинското Министерство за здравство во Газа објави информации за 165. ден на израелските напади врз Појасот Газа.

Во соопштението се наведува дека во израелските напади врз Појасот Газа во последните 24 часа се убиени 93 Палестинци, а ранети се 142.

Бројот на убиени Палестинци од 7 октомври минатата година е зголемен на 31.819, а вкупниот број на ранети изнесува 73.934.

Се истакнува дека под урнатините и покрај патиштата сѐ уште се наоѓаат тела, но поради опструкциите на израелските сили, медицинските екипи и припадниците на цивилната заштита не се во можност да дојдат до нив.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со ненамален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.