– Сите натпревари во Лигата на шампиони, Лига Европа и Конференциската лига, кои ќе се играат оваа недела, ќе почнат со минута молк за жртвите од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, соопшти денеска УЕФА.
На фудбалските терени ширум Европа ќе биде истакнат комеморативен транспарент со порака „Ние сме заедно со вас“ испишана на турски и арапски јазик.
„ЛЕД таблите околу стадионите ќе останат неосветлени во време на молкот во знак на најдлабоко сочувство и полна поддршка за турскиот и сирискиот народ“, се наведува во соопштението.
УЕФА пред три денови уплати „почетна донација од 200.000 евра за поддршка на хуманитарните напори по земјотресот во Турција и Сирија“.
Според последните информации, повеќе од 36.000 луѓе загинаа во катастрофалниот земјотрес што минатиот понеделник ги погоди југот на Турција и северот на Сирија.