Портпаролот на Министерството за здравство во Појасот Газа, Ашраф ал Кидра денеска изјави дека во болницата Ал Шифа, каде што нема струја, во последните 48 часа починале 24 пациенти, а во која израелските војници влегле пред три дена.
Тие пациенти починале „бидејќи виталната медицинска опрема престанала да работи поради прекин на струја“ во најголемиот болнички комплекс на палестинската територија под израелска опсада, рече Ал-Кидра.
Повеќето болници во Газа веќе немаат капка гориво за нивните генератори.
Ал-Кидра рече и дека синоќа војската урнала три згради во западниот дел на комплексот, болничката менза и одделенијата за одржување и човечки ресурси.
Израелскиот воен кабинет денеска дозволи два цистерни со гориво секој ден да влегуваат во Појасот Газа, соопштија денеска израелските власти.
Во исто време, сепак, испораката на помош за Појасот Газа беше прекината поради недостиг на гориво, соопштија ОН, предупредувајќи на непосредна закана од глад во малата палестинска енклава со околу 2,4 милиони жители, додека војната меѓу Израел и Хамас, кој започна на 7 октомври, продолжува.
Тој ден, организација Хамас започна напади без преседан, при што според израелските власти загинаа повеќе од 1.200 луѓе, главно цивили, во јужен Израел.
Израелската армија потоа континуирано го бомбардираше Појасот Газа, а на 27 октомври започна со копнени операции.
Од почетокот на војната во Газа загинале повеќе од 11.500 Палестинци, меѓу кои две третини жени и деца, покажуваат податоците на тамошното Министерство за здравство.
Во изминатите неколку дена, израелски тенкови го стегнаа обрачот во градот Газа, пред се околу болниците, особено Ал-Шифа, за која Израел тврди дека служи како воена база на Хамас, што организацијата го негира.
Директорот на болницата Мухамед Абу Салмија вели дека ситуацијата е катастрофална, а ОН наведуваат дека во болницата има околу 2.300 пациенти, оние кои се грижат за нив и раселени лица.
Тие се без струја, вода и храна, велат палестинските лекари и меѓународните невладини организации.
Околу 40 пациенти на интензивна нега и предвремено родени бебиња починале во таа болница бидејќи вентилаторите и инкубаторите престанале да работат, според некои извори.
Израелската армија изјави за агенцијата Франс прес дека денеска продолжува да ја пребарува болницата за засолништа на Хамас.
Претходно денеска беше објавено дека 19-годишниот војник Ноа Марчијано бил пронајден мртов во зграда. Претходно армијата соопшти дека е пронајдено телото на Израелката Јехудит Вајс (65), која Хамас ја држеше како заложник.