Украина: Во напад на руски дронови врз Одеса оштетена пристанишната инфраструктура

– Пристанишна инфраструктура, силос за жито и административни објекти се оштетени во напад на руски беспилотни летала во Областа Одеса во Украина.

Олег Кипер, началник на Воената управа на Областа Одеса, на својот профил на социјалните мрежи објави дека Русија извршила напад врз Округот Измаил во јужниот дел на подрачјето.

Додаде дека ова е четврти напад врз округот во последните пет дена.

Во нападот се оштетени цивилна и пристанишна инфраструктура, силос за жито и административни објекти во неколку населени места.

Кипер изјави дека во нападот е повредено и едно лице.

Во соопштението на Командата на украинското воено воздухопловство се наведува дека руската војска во текот на ноќта ги нападнала регионите Суми и Одеса со беспилотни летала од типот Шахед-136/131.

Се истакнува дека во нападот биле користени 33 руски беспилотни летала, од кои повеќето се движеле во правец на јужните подрачја на Одеса.

„Во соработка со воздухопловните сили на Украина уништени се 25 дрона“, се наведува во соопштението.