УКРАИНА ИМА ПЛАН ‘Б’ !? Легендарниот генерал ги шокираше воените аналитичари со неговите тврдења: “Целосно сметавме на тоа…“
Уништувањето на браната „Нова Каховка“ и хидроцентралата, кои предизвикаа поплави низ јужна Украина, најверојатно ќе ги ограничат опциите на Киев на почетокот на долгонајавуваната контраофанзива, според тврдењата на воените претставници и аналитичари.
Москва и Киев во вторникот меѓусебно се обвинија за уривањето на браната преку реката Днепар во украинската област Херсон, област под руска окупација. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека овој случај е намерен чин на саботажа од страна на украинската страна со цел да се лиши Крим од вода и дека тоа е обид да се сврти вниманието од „неуспешната украинска офанзива“.
Од друга страна, Ukrhidroenergo, државната хидроенергетска компанија на Украина, вели дека браната била урната со експлозија во машинската просторија, додека претседателот Володимир Зеленски тврди дека се виновни „руските терористи“. „Физички е невозможно да се разнесе однадвор, со гранатирање. Таа беше минирана. Руските окупатори ја минираа и разнесоа“, изјави тој и додаде: „Русија активираше бомба која нанесе голема штета на животната средина. Ова е најголемата еколошка катастрофа предизвикана од човекот во Европа во последните децении“.
Ниту едно од овие тврдења не може да биде независно потврдено, но некои воени аналитичари и украински официјални лица велат дека времето на уништување на браната е значајно, бидејќи тоа во голема мера ја фаворизира Русија со тоа што ги нарушува плановите на Киев за напад на југ и ја зголемува веројатноста за офанзива на исток на што Москва би можела да се фокусира, пишува Financial Times.
Оваа година, руските сили не успеаја да постигнат значителен напредок на бојното поле по објавувањето на зимската офанзива во јануари, од која во суштина немаше ништо.
Снимките на социјалните мрежи покажуваат како водата ја проголтува уништената брана и ги поплавува градовите и селата долж бреговите на реката. Украинските власти брзо почнаа да евакуираат десетици илјади жители во областите погодени од поплавите под владина контрола.
Се очекуваше Украина да изврши напад на југ за да се обиде да го пробие и пресече „копнениот мост“ што ја поврзува руската територија со окупираните провинции Запорожје и Херсон, како и со полуостровот Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година. Таа врска е од клучно значење за руската воена логистика и снабдување – ако украинските сили стигнат до стратешкиот град Мелитопол или дури до Азовското Море, тоа ќе и нанесе голем удар на руската окупација на југ и на моралот на силите на Кремљ.
Уривањето на браната дојде додека украинските сили ги засилија нападите на повеќе локации долж фронтот долг 1.000 километри во јужниот и источниот дел на земјата, што сугерира дека може да биде во тек долгоочекуваната украинска контраофанзива. Министерството за одбрана на Украина во вторникот објави дека нејзините сили зазеле повеќе територија во близина на градот Бахмут во Донбас, кој беше заземен од руските војници и платениците на групата Вагнер во мај по 10 месеци исцрпувачки борби – и останува епицентарот на борбите.
„Русија има корист од пократката линија на фронтот бидејќи е полесно да се концентрираат силите за да се спречи пробив“, вели Роб Ли од американскиот Институт за надворешни политички истражувања и додава: „Ако украинската операција во Херсон сега е помалку веројатна, тие би можеле да преместат повеќе сили на исток“.
Претставник на украинската војска, кој сакал да остане анонимен, рекол дека властите ја проценуваат штетата предизвикана од поплавата и соодветно ќе ги приспособат своите контраофанзивни планови. „Ако имавме некакви планови да започнеме операција таму, дефинитивно нема да го направиме тоа наскоро“, вели тој за споменатиот весник и додава: „Веднаш по поплавата, земјата всушност ќе биде мочуриште“.
Андриј Загородњук, воен советник и поранешен украински министер за одбрана, вели дека е веројатно дека киевските генерали имаат алтернативни планови. Поплавите можеби ќе бидат пречка, вели тој, но нема да ја спречат украинската контраофанзива. „Ако сакаме да ја преминеме реката таму, тоа нема да се случи сега“, тврди тој и додава: „Во основа, тоа ни негира каква било можност да ја преминеме реката и да преместиме опрема во таа област. Во суштина, веројатно затоа Русија го направи тоа, особено во овој момент“.
Украинскиот центар за стратешки комуникации и информациска безбедност, владина единица, соопшти дека руските сили можеби ја кревале во воздух браната за да ги поплават „островите“ низводно, за кои украинските сили соопштија дека биле повторно заземени во понеделникот. „Друга веројатна причина е желбата да се нанесе максимална штета на Украина во услови кога окупаторите изгубија надеж дека ќе ја задржат контролата врз југот на Украина“, се додава оттаму.